|
Цел на проектот “Legal Resource Center” (Центар за правни ресурси)
Основната цел на проектот „Legal Resource Center“, е обезбедување на лесен пристап до стандардизирани форми на поднесоци и правни документи кои преку креирање база на податоци на интернет ќе обезбедат правна помош и едукација на учесниците во судските постапки.
Задача на проектот
Учесниците во правниот систем во Република Македонија се соочуваат со недостаток од правни документи кои што им се потребни за учество во постапките пред институциите на системот. Тие често се соочуваат со потреба од стручна помош при составување на истите, а многумина од нив не можат да си ја овозможат поради релативно големите трошоци.
Студентите по право имаат отежнат пристап до примери од документите кои што се користат во праксата, па поради тоа се соочуваат со тешкотии по завршувањето на образованието. Овој проект е наменет да им овозможи и олесни на студентите да ги усовршат вештините во подготвувањето на правните документи и поднесоци, потребни за развој нивната понатамошна кариера.
Проектот исто така ќе им помогне на младите адвокати и адвокатските стручни соработници побрзо и поквалитетно да ја извршуваат својата работа. Имајќи брз и лесен пристап до стандардизираните форми на поднесоци преку интернет, тие многу поефикасно ке одговорат на барањата на клиентите.
Резултати и бенефиции
Долгорочната очекувана придобивка од овој проект е грешките што се прават при пишување на одреден поднесок и правен документ во поглед на формата, да се минимизираат. Тоа ќе придонесе во забрзувањето на постапките пред институциите на системот во делот на поднесувањето од страна на учесниците и ќе ја олесни работата на органите во поглед на отпочнување на постапките.
Ќе се подобри пристапот до правосудството, ќе се намали товарот на администрацијата при примање документи во судовите. Со тоа ќе се намали времето што им е потребно на судските работници да ги процесуираат примените поднесоци.
Исто така со спроведување на овој проект ќе се намалат бирократските процедури и ќе се зголеми транспарентноста на правниот систем на национално ниво. Ќе се создаде основа за бесплатна правна помош која е предуслов за членство во Европската Унија.
Финансирање на проектот
Проектот е реализиран преку заедничкиот меморандум за соработка потпишан меѓу Адвокатската комора на Република Македонија и Здружението на граѓани Правосудна Мрежа. Проектот е финансиран преку фондови од амбасадата на Кралството Холандија, за поддршка на реформскиот процес во правосудството.
|
|